Транспарентност Македонија е независно, неполитичко, непартиско, непрофитно и самостојно здружение на граѓани.
Транспарентност Македонија
Борба против корупцијата
Држава во која владее правото, а владата, политиката, бизнисот, граѓанското општество и секојдневниот живот на луѓето се без корупција.
Тендерите пропаѓаат за да се наместат
„Ќе изградат хидроцентрали и стокатници тогаш кога ќе купат двокатни автобуси“, вели читател на „Утрински весник“, коментирајќи го фијаското на тендерите. Колку и да се цинични, неколкуте збора се најилустративен приказ за пропаѓањето и репризирањето на тендерите во енергетиката, транспортот, земјоделството, здравството… но и за фантазмагоричните идеи (згради на сто ката) кои влегле во програми и само што не станале приоритетни проекти.
Неофицијално се проценува дека вредноста на јавните набавки во текот на минатата година изнесува меѓу 500 и 700 милиони евра. Најголемите инвестициски проекти од енергетиката со години се најавуваат како приоритетни за надминување на енергетската криза што и’ се заканува на Македонија. Но, во последниве две години најмалку седум тендери завршија со поништување или се претворија во бескрајни процедури, а нема конкретно објаснување зошто не се потпишаа договори со потенцијалните инвеститори. Неколкупати поништени и одново објавени беа тендерите за ТЕЦ „Неготино“, за хидроцентралите „Чебрен“, „Галиште“, „Бошков мост“, а неизвесни се и процедурите за комбинираната гасна електрана „Енергетика“ и за малите хидроцентрали.
Стручната јавност, а неретко и самите инвеститори, речиси за сите постапки реагираа дека има пропусти во тендерските услови и критериуми, но досега од никого не се побара одговорност за неуспесите.
Најчести причини со кои се брани поништувањето на тендерите се неприфатливите понуди и неповолните цени и услови за извршување на договорот од реалните на пазарот.
Во воздух е енигмата дали пропаднатите тендери асоцираат на матни зделки, местенки и високи провизии. Да пропаднат неколку обиди, а ништо да не се смени во критериумите, упатува само на две работи, коментираат доброупатените. Првата, дека подготвувачите на тендерите не сфаќаат какви пропусти прават, е повеќе од неверојатна. Работата е во нешто друго. Како да се чека подредување на коцките со цел бизнисот да го добие оној за кого е темпиран тендерот.
Невозможно е да се презентираат на едно место податоци за сите големи, средни и мали тендери што ги распишаа државните институции. Долгиот пат на тендерите без завршница може да го отслика оној за набавката на автобуси во Скопје.
Првиот тендер со кој државата требаше да му купи на Скопје 50 единечни автобуси беше повлечен. Владата се двоуми и реши да набави двојно повеќе, точно 102 двокатни автобуса.
И тој обид се покажа неуспешен без да стане јасно од кои причини, па државата се премисли по вторпат. Отиде на трета среќа и ги зголеми апетитите, реши да набави дури 302 двокатни автобуса. Последното е 200 двокатни, а 102 едноподни автобуси. Во отворањето на понудите продефилираа бугарско-кинески компании, чисто кинеска, но и автобуси од британско производство. Којзнае што ќе биде следно.
Центарот за граѓански комуникации минатата година анализираше што се случува во процесот на јавни набавки на централно ниво. Во два од 40 случаи што беа предмет на мониторинг е утврдено дека фирмите не ги знаат правата од распишување тендер.
„Тендерите не се поништуваат поради повреда на законските одредби. Образложенијата се сведуваат на неприфатлива понуда, нереална пазарна цена или неочекувани промени во буџетот“, објаснува економскиот аналитичар Вања Михајлова. Според неа, луѓето што подготвуваат тендерска документација се некомпетентни.
Михајлова вели дека не се користат законските обврски за да се ангажираат експерти надвор од куќата. „Ако тендерските документи се нејасни, непрецизни и конфузни, тогаш фирмите може лесно да се изиграат. Затоа оние што ја распишале потребата од јавна набавка можат да поништуваат и да побараат други кандидати на некое ново огласување“, заклучува Михајлова, која беше членка на првиот состав на Антикорупциската комисија.
Експертите тврдат дека има манипулативни елементи при евалуација на понудите затоа што одредени постапки се поништуваат по неколку пати. Наводно, бидејќи не стигнала ниту една добра понуда. Причините треба да се бараат и во нестручно подготвените спецификации, поточно во техничката документација. Постојат сомневања и за фаворизирана фирма. „Има елементи што не би требало да се оценуваат, како, на пример, барањето за комисиска процена. Тоа не само што е манипулирање, туку е чист субјективизам“, оценува Вања Михајлова. Таа објаснува дека се даваат поени врз основа на лична оцена, а елементот квалитет воопшто не е применет. Тоа, додава Михајлова, станува вообичаена практика при набавка на лекови или при набавка на прехранбени производи што значи не се води сметка за здравјето на луѓето.
„Проблемот со поништување на постапките е значаен ако се има предвид дека тоа не резултира само со ненавремена набавка и губење време и пари, туку создава и недоверба кај фирмите. Имено, во јавноста се создава впечаток дека тендерите се поништуваат поради тоа што не можат да се остварат однапред планирани калкулации на државните институции“, истакнува Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Експертите за јавни набавки како слабости во постапките ги нотираат неусогласеноста на министерствата за ист производ, на пример, за набавка на канцелариски материјали нудат различни критериуми. За малите набавки постапката трае околу два месеца, но од почеток до крај нема рокови за известување. Потоа не се почитува рокот од три дена кога треба да бидат известени понудувачите, се заобиколува законската обврска за образложување поради кои причини некоја понуда не е прифатена. И кога ќе се направи избор, се доцни со плаќањето затоа што рокови нема, а тоа е недозволено и нема оправдување.
Центарот за граѓански комуникации откри дека ресорите со кои раководат Миле Јанакиески, Зоран Коњановски, Муса Џафери, Елизабета Канчевска-Милевска и Љупчо Димовски тајно ги трошат народните пари. Министерствата за транспорт, одбрана, локална самоуправа, култура и земјоделство решиле да не ги откријат малите набавки за стоки, услуги и работи во вредност од 5.000 до 50.000 евра, иако имаат законска обврска за отчетност.
„Точно е дека за набавките до 5.000 евра не е потребно објавување оглас и дека не се организира јавно отворање. Но, доставувањето на евиденцијата до Бирото за јавни набавки е единствениот начин за каква таква транспарентност и информирање на јавноста за трошењето на парите преку овој вид постапки“, потенцира Сабина Факиќ.
За потребата од отвореност не треба да се говори доколку се знае дека само во првите шест месеци од 2009 година се потрошени 14 милиони евра. Што се однесува до постапките за прибирање понуди, со објавување оглас, набавки до 20.000 евра за стоки и услуги и до 50.000 евра за работи во истиот период, се потрошени 26 милиони евра.
„Овие податоци недвосмислено укажуваат на тоа дека принципот транспарентност во процесот на јавни набавки во практика е право на личен избор на институциите, а не законска обврска“, оценува Факиќ. Таа се пожали дека и покрај 200 доставени барања за пристап до овие информации, останува висок бројот на државни институции што ги игнорираат, односно не сметаат дека се должни да ги дадат овие податоци за јавноста.
Експертот за јавни набавки, Мирослав Трајановски, инсистира да се вградат казнени одредби за транспарентно трошење на јавните пари, бидејќи така ќе се санкционираат државните институции доколку не ги почитуваат обврските пропишани со Законот за јавните набавки. „Ако обврска по склучување на договорот е да се достави известување до Бирото за јавни набавки, тоа треба да се направи. Но, ова не се прави, бидејќи недостигаат санкции. Интересна ситуација се случува кога државните институции треба да донесат одлука за избор за најповолна понуда, но договор не се склучува. Институциите се чувствуваат удобно и не ги почитуваат обврските, бидејќи казни нема“, додава Трајановски. (К.Ч.)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1BADE36B0388EC4A90759D085E647E8B
Внесете одговор
Транспарентност, одговорност, солидарност, смелост, правичност, демократија, интегритет.




