Транспарентност Македонија е независно, неполитичко, непартиско, непрофитно и самостојно здружение на граѓани.
Транспарентност Македонија
Борба против корупцијата
Држава во која владее правото, а владата, политиката, бизнисот, граѓанското општество и секојдневниот живот на луѓето се без корупција.
Нема јунак да ја смени Димовска
Во Државната комисија за спречување на корупцијата врие како во котел и има големо незадоволство поради јавната дискредитација на ова тело на завчерашната деветчасовна собраниска расправа за интерпелација на првата антикорупционерка Мирјана Димовска. Иако одбиваат јавно да зборуваат, членовите на Комисијата, исто како и пратениците, се длабоко поделени „за“ и „против“ Димовска, која наскоро би можела да биде реизбрана на претседателската функција. Тоа би бил четврти последователен мандат на Димовска на чело на Комисијата, што досега не се случило и се толкува како самоволие на претседателската.
Освен тоа, на Димовска и се забележува дека го толерира криминалот во владејачките кругови, дека има конфликт на интереси и дека во изминативе години не покренала ниту една постапка за носители на јавни функции, со што „станала соучесник во криминалните активности“. Во расправата меѓу пратениците беше поставено и прашање за оправданоста на постоењето на Комисијата ако таа продолжи да функционира под палката на Димовска.
- Неопходни се итни промени, кои ќе и го обелат образот на Комисијата. Доколку Димовска и по четврти пат биде реизбрана за претседателка на Корупцијата, жестоко ќе се спротивставиме и јавно ќе го соопштиме тоа - велат извори од Комисијата.
Третиот мандат на Димовска истече на 25 февруари, а мандатот на овој состав на Комисијата истекува во јануари идната година.
Според законските измени, донесени по првата година од функционирањето на Комисијата, нема ограничување колку пати некој може да биде реизбран за претседател. Минатиот состав на Комисијата практикуваше ротирачко претседателство, а претседател се избираше секоја година, од редот на членовите.
Во текот на вчерашниот ден Комисијата не ја одржала редовната седница, за која членовите биле информирани дека ќе се одржи некој друг ден во текот на неделата, а за тоа, како што велат, дополнително ќе биле известени. Тие, исто така, немаа информација ни дали на наредната седница ќе биде предвидена точката за избор на претседател.
Некои од нив велат дека незадоволството во Комисијата е големо поради тоа што неколку од актуелните членови ја поддржуваат Димовска и сметаат дека таа ефикасно се справува со криминалот и дека поради тоа треба да биде реизбрана за претседател на ова тело.
Опозицијата, пак, на седницата за интерпелација ја обвини Димовска дека го поттикнува и го прикрива државниот криминал.
Пратеничката на СДСМ, Маринела Тушева, како еден од аргументите што ги користеше во својата расправа го посочи скандалот со првиот антикорупционер на Кенија, Карамбу Рингера.
- Ни во афричките земји не се толерира ваквиот волунтаризам, незаконие, злоупотреба на службата, судир на интереси и поддршка на криминалот и корупцијата од страна на првите антикорупционери. Цела Кенија, госпоѓо Димовска, беше на улици со намера да го спречи реизборот на нестручниот и неспособен претседател на Антикорупциската комисија Рингера - истакна Тушева.
Барањето Димовска да се отповика од функцијата го поддржаа 13 пратеници од СДСМ, ЛДП, НСДП и од Нова демократија, а 63 пратеници од мнозинството беа против интерпелацијата на Димовска. Ј.Д.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=11&tabid=1&EditionID=1964&ArticleID=135916
Внесете одговор
Транспарентност, одговорност, солидарност, смелост, правичност, демократија, интегритет.




